fbpx
www.galicica.org.mk

Национален парк Галичица

1958 г.
24 150 ха
КОТА Ф10 - 2,265 мнв
МАГАРО - 2,254 мнв
Охридско езеро - 693 мнв
Преспанско езеро - 850 мнв
18 населби
5,500 жители

Историјат


Националниот парк Галичица препознатлив по својата богата и ретка природа и неповторлива убавина, во 1958 година е прогласен за национален парк со цел да се зачува растителниот и животинскиот свет и природниот изглед на планината Галичица. 

Околу 2/3 од Паркот е вклучен во границите на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион, впишано на листата на Светско културно и природно наследство на УНЕСКО.

Локација


НП Галичица се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, на планинскиот масив Галичица, вклучително и делови од нејзините ограноци Исток и Петрино, како и островот Голем Град во Преспанското Езеро. 

Планината Галичица е дел од Шарско-Пиндскиот систем на планини. Големите отворени површини кон Охридското и Преспанското Езеро кои ја ограничуваат од исток и запад, придонесуваат во нејзиното јасно визуелно одвојување како засебна целина.

Правила на однесување во Националниот Парк

Несомнено е дека секоја активност во природа остава свој траг и предизвикува пречки во природниот тек. Токму затоа сите кои што уживаат во природата мора да се стремат кон намалување на своето влијание. Од овие причини Националниот Парк Галичица бара од сите учесници на Охрид Ултра-Треил® да се придржуваат кон неколку основни правила за време на нивниот престој во природа:
  • Секогаш движете се по обележаната патека. Ова помага патеката да остане во добра состојба, а истовремено ја намалува ерозијата на земјата која настанува како резултат на правење кратенки.
  • Осигурајте се дека сите отпадоци од храна и пијалоци по консумирањето се сместени во џебовите или ранецот. Патеката во планина не е место за пластика, хартија или друг отпадок.
  • Обидете се да ја оставите природата почиста отколку што сте ја нашле. Ако наидете на отпадок, направете добро дело и пренесете го до најблиската корпа за отпадоци.
  • Можно е да наидете на домашни животни (крави, овци, коњи) во близина на патеката кои ѕиркаат со недоверба. Потрудете се да не ги вознемирувате, забавете го темпото, држете се на далечина, не ги допирајте и галете.
  • Често стадата се придружувани од куче чувар како заштита од мечки, волци и диви кучиња. Секогаш заобиколкувајте го стадото, никогаш не минувајте по средина, ако кучето ви се приближи дозволете му да ве помириса за да свати дека не сте закана, потоа движете се бавно и на безбедна далечина.
  • Дивите животни најчесто избегнуваат контакт со луѓе. Ако по некоја случајност патеката ви се вкрсти со дива свиња, елен или било кое друго животно, препорачливо е веднаш да се повлечете на далечина од која животното ќе може да избега. За да избегнете одбранбена реакција, никако не се приближувајте кон диво животно.
  • Планините се место за соживот. Поздравете ги луѓето на кои наидувате или преупредете ги на постоечки препреки или опасности на патеката на кои сте наишле.
  • Движењето на телото ги придвижува и цревата. Доколку имате потреба од олеснување ископајте мала дупка со петата, а потоа закопајте го изметот со земја, лисја или камења.
  • Кренете го погледот од патеката за да ја разгледате околината и целосно уживајте во прекрасната природа која ве опкружува. Осознавањето и вљубувањето во природата се првите чекори за да ја почитуваме и чуваме.
  • Пријателите и семејството кои доаѓаат како поддршка за тркачите исто така треба во целост да бидат свесни за природата, да ја почитуваат и заштитуваат. Паркирајте само на обележано место, никогаш на тревна површина, не фрлајте отпадоци, не кревајте непотребна бучава и не нарушувајте нечија приватност.
Сите фотографии (c) Сашо Тренески

Национален парк Галичица „жариште“ на биолошката разновидност

Како комплексна целина, паркот заедно со Охридското и Преспанското Езеро, претставува релативно ограниченo подрачје со многу богата биолошка разновидност, висок степен на хетерогеност и енедемизам и во таа смисла се смета за навистина многу вреден локалитет во Европа.
Основната геолошка подлога на Галичица е од палеoзојски метаморфни силикати, прекриени со слој од масивни порозни варовници, дебел 500 ‒ 550 м. Поради порозноста на масивните варовници постои подземна врска на Преспанското и Охридското Езеро која е научно потврдена. Водите од Преспанското Езеро на западните падини на Галичица извираат на многу крајбрежни и подводни карстни извори. Највпечатливи карстни извори на Охридското Езеро се изворите кај манастирот Св. Наум. Се состојат од 30 подводни и 15 крајбрежни извори, со вкупен капацитет од околу 7,5 метри кубни вода во секунда.
Паркот претставува жариште на биолошката разновидност во регионот, но и пошироко, во глобални рамки. Паркот се издвојува од другите подрачја со слична големина по исклучителното богатсво на живеалишта и видови на релативно мала територија. На површина од 24 150 хектари, се среќаваат повеќе од 37 типови живеалишта, 40 растителни заедници, околу 1 600 таксони од васкуларни растенија, над 143 видови лихеноидни габи, повеќе од 480 видови габи и преку 3 279 таксони од фауната. Во паркот се среќаваат 4 таксони од без‘рбетните и 13 од ‘рбетниците кои се сметаат за глобално загрозени. Неколку стотини ретки и заштитени видови во паркот се претставени со значајни популации. Некои од нив се среќаваат само во границите на паркот и тоа: 29 таксони алги, 12 видови васкуларни растенија, 68 таксони без‘рбетни и 4 таксони од ‘рбетни животни. Покрај тоа, паркот го населуваат поголем број таксони кои се среќаваат само во Македонија или Балканот и тоа: 46 таксони виши растенија, 89 таксони без‘рбетници и 14 таксони ‘рбетници.
Културно-историскиот регион содржи повеќе слојни вредности. Нив ги сочинуваат пред се географско-амбиенталните својства на Охридското Езеро и планинските венци кои претставуваат граница на заштитениот регион. Користејќи го езерото како основен извор на живот, многу генерации оставиле зад себе синтези на природното, руралното и урбаното. Од големиот број културно-историски споменици на територијата на Паркот позначајни се: манастирот „Св. Наум“, црквата „Св. Богородица Захумска“, археолошките наоѓалишта на островот Голем Град и многу други.
GOLD SPONSORS
PONT
SILVER SPONSORS
BRONZE SPONSORS
SUPPORTERS
MEDIA PARTNERS
PARTNER RACES
RACE FRIENDS
© 2019 Ohrid Ultra-Trail®
homemap-markerinfo-circlecalendargroupchevron-circle-upchevron-circle-downmap-o linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram